Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“
На денешното рочиште треба да биде презентирано градежното вештачење изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, по што се очекува да бидат испрашани и вештите лица кои го изработиле.

Во судницата во Идризово денеска продолжува судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Со градежното вештачење треба да заврши доказната постапка на Обвинителството, по што доказите ќе ги изведува одбраната.
На денешното рочиште треба да биде презентирано градежното вештачење изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, по што се очекува да бидат испрашани и вештите лица кои го изработиле.
На претходното рочиште, професорот и вештак Горан Марковски посочи дека пренамената и реорганизацијата на просторот, промените на електричната, водоводната и канализациската инсталација, како и вградувањето несоодветни материјали, директно влијаеле врз исполнувањето на основните барања за безбедност на објектот.
Според вештакот, надлежните органи согласно Законот за градењето морале да реагираат на незаконските зафати, но реакција изостанала сè до март 2025 година, кога биле изготвени првите записници од инспекциски надзор, по пожарот.
