Култура

„Најдоброто од Македонија“ вечерва на голем концерт во Скопје

02.09.2026 09:38

Слаткаристика, Суперхикс, 2 Бона, Фанк Шуи и Дина Јашари вечерва ќе настапат на платото пред Т-Арена „Борис Трајковски“, на голем бесплатен музички спектакл по повод 35 години независност. Концертот почнува во 20 часот.

Скопје вечерва ќе биде домаќин на музичкиот проект „Најдоброто од Македонија“, со кој продолжува одбележувањето на 35-годишнината од независноста на државата.

Организаторите најавуваат голема аудио-визуелна продукција и концертна атмосфера за сите генерации. Настанот е бесплатен за публиката.

Прославата продолжува и на 4 септември, кога на Плоштад Македонија ќе пристигне караванот „Силно светнал ден“. По настапите во 11 градови низ државата, караванот ќе биде заокружен во Скопје со повеќе од 120 артисти. Преку музика, глума и танц, мултимедијалниот спектакл ја раскажува приказната за 35 години независност.

Централната прослава ќе биде на 8 септември, Денот на независноста, со настапот на светски познатиот диџеј и продуцент Давид Гета на стадионот „Тоше Проески“. Тој ќе го претстави своето шоу „The Monolith Stadium Show“.