Воен конфликт

Ескалираат заканите меѓу Москва и Киев

02.09.2026 11:56

Украинскиот претседател предупреди дека зголемениот ризик од дронови може практично да го затвори рускиот воздушен простор. Зеленски предупредува на ризик за цивилната авијација. Путин најавува одмазднички напади со масовни удари врз украинските енергетски објекти. Германија и ЕУ ја обвинуваат Русија за хибридни активности.

Украинскиот претседател Зеленски предупреди дека рускиот воздушен простор „де факто ќе биде затворен“ поради зголемениот ризик од украински дронови. Тој ги повика авиокомпаниите и осигурителите да го земат предвид ризикот.

„Украина не ја загрозува цивилната авијација, но превозниците што летаат до Москва, Санкт Петербург или други големи центри мора да го земат предвид ризикот од беспилотни летала. Руското небо де факто ќе биде затворено“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Москва реагира – Путин го обвини Киев за „државен тероризам“ и порача дека „со терористи не се преговара“. Потсети дека Украина претходно најавила удари врз руската економија и предупреди дека Москва ќе возврати доколку Зеленски ги оствари заканите.

„Ако некој се обиде да нè повлече по синџирот на исхрана и да нè проголта, може дури и да добие тупаница во забите. Руските вооружени сили добија инструкции да подготват и да започнат масовни напади врз украинските енергетски објекти. Тие ги напаѓаат нашите – ќе добијат одговор“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Во меѓувреме, Германија ја обвини Русија за неуспешниот напад со дрон со експлозив на аеродромот Лајпциг/Хале на 4 август и, како одговор, најави затворање на две руски претставништва.

„Располагаме со показатели за руска вмешаност. Случајот се вклопува во познатиот образец на руски хибридни активности“, рече Александар Добриндт, министер за внатрешни работи на Германија.

По потегот на Берлин, украинскиот шеф на дипломатијата повика на „решителна стратегија“ за справување со руските закани во Европа.

„Ова не се изолирани инциденти, туку компоненти на намерната и насочена стратегија на Русија. На Европа ѝ е потребна решителна стратегија за справување со руските закани. Украина е подготвена да го сподели своето искуство и да придонесе за заштита на евроатлантската стабилност“, објави Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина.

Брисел изрази солидарност со Германија и порача дека хибридните напади нема да останат без одговор.

„Ќе ја одржиме Европската Унија обединета и покрај овие сериозни и ескалирачки дејствија. Германската влада презеде остри мерки, а пораката е јасна – хибридните напади нема да останат без јасен одговор“, објави Урсула фон дер Лајен, претседателка на европската комисија.

Русија ги отфрли обвинувањата на Берлин и најави одговор. Во меѓувреме, меѓусебните напади продолжуваат. Москва ги интензивира воздушните напади врз Киев.

Бојана Крстевски