Во полициска акција пронајдени 20 рибарски мрежи и над 116 килограми риба во Охридското Езеро
Полицијата при акциска контрола во водите на Охридското Езеро пронашла 20 т.н. висечки рибарски мрежи, долги околу 4.000 метри, со 872 парчиња уловена охридска белвица.

Полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ на 1 септември спровеле акциска контрола насочена кон сузбивање на незаконскиот риболов.
Мрежите биле пронајдени на потегот меѓу струшките села Калишта и Радожда. Станува збор за мрежи кои се најстрого забранети за лов на риба, а во нив биле уловени 872 парчиња охридска белвица, со вкупна тежина од 116,9 килограми.
По насоки на јавен обвинител, полициските службеници од езерската полиција и од Регионалниот центар за гранични работи – Запад ги подигнале мрежите и уловот од езерото. За случајот бил известен и надлежниот инспекторат за рибарство.
Од полицијата најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со засилени контроли за откривање и спречување на незаконскиот риболов, како и за заштита на рибниот фонд на Охридското Езеро.
