Народна банка

Величковски: Модернизацијата на платниот систем е клучна за поголема финансиска вклученост

02.09.2026 11:17

Величковски говореше на состанокот на Иницијативата за политики за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), во рамките на Светскиот форум за политики на Алијансата за финансиска вклученост (AFI), кој се одржува во Порт Морзби.

Народната банка продолжува со реформите во платежните услуги и платните системи, со фокус на побрзи и поевтини плаќања, поголема заштита на потрошувачите и подобар пристап до финансиски услуги, порача вицегувернерот Игор Величковски.

Величковски говореше на состанокот на Иницијативата за политики за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), во рамките на Светскиот форум за политики на Алијансата за финансиска вклученост (AFI), кој се одржува во Порт Морзби.

Тој посочи дека усогласувањето со европските стандарди и пристапувањето кон Единствената област за плаќања во евра (SEPA) овозможиле побрзи и поевтини плаќања во евра. Како следен значаен чекор, Народната банка работи на воспоставување систем за инстант-плаќања заснован на клон на европскиот ТИПС.

Според Величковски, системот ќе овозможи регионално поврзување на платните системи и постепена интеграција со европската платежна инфраструктура, со што ќе се олеснат прекуграничните плаќања во евра со земјите од Западен Балкан и Европската Унија.

Вицегувернерот се осврна и на финансиската вклученост. Тој информираше дека се работи на измени на регулативата за платежна сметка со основни функции, со цел поширок круг граѓани, вклучително и социјално ранливите категории, да имаат пристап до основни банкарски услуги по фиксен надомест.

Величковски нагласи дека дигитализацијата и новите технологии носат нови предизвици за регулаторите, кои треба истовремено да ги поддржат реформите, да ги заштитат корисниците и да ја зачуваат финансиската стабилност.

Тој ја истакна и важноста на регионалната и меѓународната соработка, особено во услови на глобални финансиски предизвици и неизвесност.