Општините лани поделиле над 4 милиони евра за субвенции и дотации за граѓаните
Паричната поддршка била доделувана по 92 различни основи, а поединечните износи достигнувале и до 100.000 денари за брак и до 200.000 денари за фасада. Вкупно 58.290 граѓани добиле некаков вид помош од општините.

Општините во земјава во изборната 2025 година потрошиле повеќе од 4 милиони евра за различни видови финансиска поддршка и дотации за граѓаните, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Според податоците, 63 општини во 2025 година потрошиле вкупно 4.056.482 евра за финансиска помош, што е речиси еден милион евра повеќе во споредба со 2024 година.
Паричната поддршка била доделувана по 92 различни основи, а поединечните износи достигнувале и до 100.000 денари за брак и до 200.000 денари за фасада. Вкупно 58.290 граѓани добиле некаков вид помош од општините.
Најмногу граѓани биле опфатени со мерките на општините Гази Баба и Кисела Вода, со по повеќе од 10.000 корисници. Најмногу средства, пак, поделиле скопските општини Аеродром и Центар, со по повеќе од половина милион евра.
Истражувањето покажува и големи разлики во висината на помошта за иста намена. Така, за новороденче општините исплаќале од 3.000 до 30.000 денари, додека за прваче сумите се движеле од 2.000 до 8.000 денари.
Од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека секоја општина применува свои правила, називи, процедури и износи за доделување на средствата. Оттаму ја отвораат и дилемата дали општините имаат соодветни ингеренции за вакви видови дотации и финансиска помош.
