Сончева бура предизвикала отстапувања во ГПС-сигналите поголеми од 10 метри
Силна сончева бура што ја погоди Земјата во ноември 2025 година предизвика широкораспространети нарушувања на ГПС сигналите низ САД, потврдија научниците.

Истражувањето предводено од американската организација „Ди Ероспејс Корпорејшн“ утврди дека по пристигнувањето на наелектризираните честички од Сонцето до магнетното поле на Земјата, во горните слоеви на атмосферата се случиле пречки од обем што досега не е забележан.
Истражувачите објавија дека оваа појава влијаела врз ГПС сигналите од едниот до другиот крај на САД, при што во одделни региони грешките во одредувањето на локацијата надминале 10 метри.
Неправилностите што се формирале во јоносферата - горниот слој од Земјината атмосфера - за време на сончевата бура, довеле до деградација и на ГПС сигналите и на другите сателитски комуникации.
Истражувањето истакнува дека силни нарушувања на сигналот биле детектирани дури и во средните географски широчини, каде што ваквите ефекти вообичаено се со ограничен обем. Научниците напоменуваат дека деградација на сигналот во волкава размера и на толку широко подрачје досега не е евидентирана.
Дури и отстапување од неколку метри кај ГПС уредите претставува сериозен проблем за современите технологии на кои им е неопходно прецизно позиционирање, како што се автономните возила и паметните земјоделски машини.
Научниците нагласуваат дека со подобро разбирање и предвидување на ефектите од екстремната сончева активност врз јоносферата, во иднина ќе можат да се ублажат негативните последици од големите сончеви бури врз клучните технолошки системи.
