Руското небо под закана од дронови, Путин најави одговор
Руското небо под закана од украински дронови – Зеленски предупредува дека рускиот воздушен простор де факто ќе биде затворен. Ги повика авиокомпаниите да го земат предвид ризикот. Москва најавува одговор и масовни удари врз украинската енергетика. Во меѓувреме, Германија ја обвини Русија за обид за напад со дрон во Лајпциг, што Киев го оцени како дел од руската хибридна стратегија. Брисел застана зад Берлин и порача дека ваквите напади нема да останат без одговор.

Украинскиот претседател Зеленски предупреди дека рускиот воздушен простор „де факто ќе биде затворен“ поради зголемениот ризик од украински дронови. Тој ги повика авиокомпаниите и осигурителите да го земат предвид ризикот.
„Украина не ја загрозува цивилната авијација, но превозниците што летаат до Москва, Санкт Петербург или други големи центри мора да го земат предвид ризикот од беспилотни летала. Руското небо де факто ќе биде затворено“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Москва реагира – Путин го обвини Киев за „државен тероризам“ и порача дека „со терористи не се преговара“. Потсети дека Украина претходно најавила удари врз руската економија и предупреди дека Москва ќе возврати доколку Зеленски ги оствари заканите.
„Ако некој се обиде да нè повлече по синџирот на исхрана и да нè проголта, може дури и да добие тупаница во забите. Руските вооружени сили добија инструкции да подготват и да започнат масовни напади врз украинските енергетски објекти. Тие ги напаѓаат нашите – ќе добијат одговор“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Во меѓувреме, Германија ја обвини Русија за неуспешниот напад со дрон со експлозив на аеродромот Лајпциг/Хале на 4 август и, како одговор, најави затворање на две руски претставништва.
„Располагаме со показатели за руска вмешаност. Случајот се вклопува во познатиот образец на руски хибридни активности“, изјави Александар Добриндт, министер за внатрешни работи на Германија.
По потегот на Берлин, украинскиот шеф на дипломатијата повика на „решителна стратегија“ за справување со руските закани во Европа.
„Ова не се изолирани инциденти, туку компоненти на намерната и насочена стратегија на Русија. На Европа ѝ е потребна решителна стратегија за справување со руските закани. Украина е подготвена да го сподели своето искуство и да придонесе за заштита на евроатлантската стабилност“, објави Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина.
Брисел изрази солидарност со Германија и порача дека хибридните напади нема да останат без одговор.
„Ова беше руски воен напад на европска територија. Нема да го толерираме. Целосно сме солидарни со Германија и ако намерата беше да размислиме двапати за поддршката на Украина, нема да успее заканата“, изјави Урсула Фон дер Лајен-претседател на Европска комисија.
„Русија стана опасно безобзирна поради војната со украина. се повеќе проектили и дронови влегуваат на наша територија и го зголемуваат ризикот. опасноста од русија е јасна и работиме да ги обезбедиме граѓаните на нато земјите“, изјави Марк Руте- генерален секретар на НАТО.
Бојана Крстевски
