НАСА

Директорот на НАСА, Џаред Изакман, предлага преместување на центрите за податоци во вселената

02.09.2026 20:18

Директорот на Националната аеронаутичка и вселенска администрација на САД (НАСА), Џаред Изакман, предложи центрите за податоци да се преместат во вселената за да се задоволат зголемените потреби за енергија на секторот за вештачка интелигенција (ВИ).

Според весникот „Хил“, додека во САД продолжуваат дебатите за потрошувачката на енергија и влијанието врз животната средина од страна на центрите за податоци, Изакман даде изјава за ова прашање за Винај Симот, Вашингтонски дописник на „Некстар Медиа Груп“.

„Да ги земеме нашите центри за податоци и да ги поставиме во орбитата на Земјата. Да го искористиме бесплатниот фузиски реактор што не’ чека таму и со тоа конечно да победиме и во вселенската трка и во трката за вештачка интелигенција“, изјави Изакман.

Изакман, кој овој месец гостуваше во подкастот „Под Форс Уан“, го опиша преместувањето на центрите за податоци во вселената како „фантастично решение“ и истакна дека таквата апликација може да донесе „огромни придобивки“.

Тој исто така соопшти дека заедницата во овој сектор, вклучително и основачот и извршен директор на Спејс Икс, Илон Маск, го дели истото мислење за поставување на центрите за податоци во вселената.

Центрите за податоци, чиј број брзо се зголемува со развојот на секторот за вештачка интелигенција, се мета на критики во САД со образложение дека ги зголемуваат цените на електричната енергија и предизвикуваат негативни последици врз животната средина.

Додека во некои сојузни држави се упатуваат повици за привремено запирање на изградбата на нови центри за податоци, директорот на Агенцијата за заштита на животната средина на САД (ЕПА), Ли Зелдин, тврди дека таквите чекори би можеле негативно да влијаат врз конкурентноста на земјата со Кина во областа на вештачката интелигенција.