Сцена

По 14 години Дарко Митревски повторно дома – ќе одржи провокативен мастерклас на „Браќа Манаки“

02.09.2026 11:55

На мастеркласот тој ќе сподели дел од своето професионално искуство и ќе зборува за сценаристички техники со кои авторите го задржуваат вниманието на публиката – од античката драма до современиот Холивуд.

По 14 години отсуство од Македонија, сценаристот и режисер Дарко Митревски се враќа дома, овојпат како предавач на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.

Митревски ќе гостува на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кој ќе се одржи од 19 до 25 септември, каде што ќе го одржи мастеркласот со провокативен наслов „Како да НЕ снимите здодевен филм?“.

На мастеркласот тој ќе сподели дел од своето професионално искуство и ќе зборува за сценаристички техники со кои авторите го задржуваат вниманието на публиката – од античката драма до современиот Холивуд.

„Во пишувањето филмски приказни не постои нешто што се вика недостиг на инспирација. Постои само незнаење и мрза, кои лесно можат да се победат доколку се поседува алатот и се знае занаетот“, вели Митревски.

На пошироката јавност тој ѝ е познат како автор на „Балканкан“ и „Трето полувреме“, меѓу најгледаните македонски филмови, а е автор и на телевизиските серии „Уа, шнајдери!“ и „Досие Скопје“.

Неговите филмови биле прикажувани на бројни фестивали низ светот, а за својата работа има добиено повеќе награди во Европа, Америка и регионот.

Во САД, Митревски неодамна потпишал договор за отстапување на правата за две свои сценарија, додека неговиот првенец „Збогум на дваесетиот век“, на кој е коавтор на сценариото и режијата со Александар Поповски, доби луксузно Blu-ray издание.

По 14 години, Дарко Митревски повторно се враќа во Македонија, овојпат на сцената на „Браќа Манаки“.