Македонија

Општина Аеродром подели 830 таблети за учениците од четврто одделение

02.09.2026 19:26

Општина Аеродром петта година по ред го реализира проектот „Таблет за секое дете“, со кој обезбедува современи дигитални уреди за учениците и ја поддржува дигитализацијата на наставата.

Денеска во ООУ „Љубен Лапе“, градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, им поделија таблети на учениците од четврто одделение.

Во рамките на годинешниот проект се обезбедени вкупно 830 таблети за учениците во општинските основни училишта.

„Современото образование бара примена на нови технологии и создавање услови за поквалитетна и интерактивна настава приспособена кон потребите на учениците“, истакна Митески.

Од Општина Аеродром посочуваат дека паралелно со набавката на таблетите, училиштата континуирано се опремуваат со современа технологија и опрема. Дополнително, годинава се обезбедени и 7.500 бесплатни училишни униформи, како и бесплатни учебници во соработка со Министерството за образование и наука.

Целта, како што наведуваат од Општината, е создавање современи и инклузивни услови за образование што ќе одговараат на потребите на новите генерации.