За првпат отстранет тумор на мозок со помош на вештачка интелигенција во реално време
За првпат во светот, тумор на мозок е успешно отстранет при операција во која хирурзите користеле систем со вештачка интелигенција што во реално време ја анализирал интервенцијата и им помагал да ги избегнат критичните крвни садови и нерви.

Операцијата била изведена од хирурзи во болницата на Универзитетскиот колеџ во Лондон, а пациентот бил 48-годишниот Рис Хиберт од Бедфордшир, татко на две деца. Лекарите предупредиле дека без соодветен третман постоел ризик тој да го загуби видот.
Системот со вештачка интелигенција во текот на операцијата во живо ја анализирал видеоснимката и им давал насоки на хирурзите како да ги избегнат важните, но скриени крвни садови и нерви во мозокот. На тој начин било овозможено туморот да се отстрани што е можно побезбедно.
Хиберт, кој работи како раководител во служба за корисници, до пред околу 18 месеци бил здрав и секојдневно пешачел по два километри за време на паузата за ручек. При една од тие прошетки ја загубил свеста и добил напад.
По извршеното снимање на мозокот, лекарите откриле бениген тумор со големина од 11 милиметри во хипофизата, жлезда сместена во основата на черепот.
Хипофизата произведува важни хормони кои учествуваат во регулирањето на растот, метаболизмот, крвниот притисок и телесната температура.
Туморот се наоѓал многу блиску до главните артерии што го снабдуваат мозокот со крв, како и до оптичките нерви задолжени за видот. Поради притисокот врз нервите, периферниот вид на Хиберт постепено се намалувал.
Со текот на времето тој почнал да се сопнува на предмети, а се соочувал и со силен замор и вртоглавици. Кога лекарите му понудиле да биде првиот пациент опериран со помош на специјално развиениот систем со вештачка интелигенција, тој веднаш се согласил.
Операцијата била изведена со внесување ендоскоп низ носот до основата на черепот. Поради различната анатомија кај секој пациент, утврдувањето на најбезбедниот пристап до туморот претставувало сериозен предизвик.
Ризикот туморот да не биде целосно отстранет се движел меѓу 25 и 50 проценти, додека можноста за повреда на голем крвен сад била меѓу 0,5 и два проценти.
Токму тука била употребена вештачката интелигенција. Системот на посебен екран ја анализирал видеоснимката во реално време, ги следел хируршките инструменти и ги означувал областите во кои најверојатно се наоѓаат крвните садови и нервите. На тој начин им помагал на лекарите да ги определат најбезбедните места за отстранување на туморот.
Технологијата функционира на принцип сличен на системите за препознавање лица кај паметните телефони, но наместо лица препознава важни анатомски структури кои честопати не се видливи за хирургот.
Истражувачите го обучувале системот со стотици видеоснимки од операции на тумори на хипофизата. На снимките биле детално означувани крвните садови и нервите за вештачката интелигенција да научи да ги препознава најважните структури.
Професорот Хани Маркус, кој ја извршил операцијата, изјавил дека системот е обучен со повеќе операции отколку што еден хирург би можел да види или да изврши во текот на целата своја кариера. Според него, технологијата може да функционира како „експертски втор пар очи“.
Сепак, вештачката интелигенција имала исклучиво советодавна улога, додека целосната контрола врз операцијата останала во рацете на хирурзите.
По операцијата, Хиберт забележал значително подобрување на видот. Како што раскажал, веднаш по будењето можел повторно јасно да гледа околу себе, а неговиот вид продолжил да се подобрува во следните денови.
Тој посочил дека повторно ја добил претходната енергија, додека несаканите симптоми што ги чувствувал пред операцијата исчезнале.
Технологијата, финансирана од британскиот Национален институт за истражување во здравството и грижата и од „Гугл“, со години била тестирана во лабораториски услови. По успешната прва примена кај пациент, истражувачкиот тим сега подготвува поголемо клиничко испитување.
Целта е во иднина системот дополнително да се развива и да стане своевиден дигитален советник за хирурзите, кој во текот на сложени операции ќе може во реално време да им обезбедува дополнителна стручна поддршка.
