Патот на ајварката од нива до пазар со двојно и тројно повисока цена
Патот на ајварката од струмичките ниви до пазарите во земјава, со двојно или тројно повисока цена. Земјоделците велат дека тие ја продаваат далеку под производствените трошоци. На пример екстра класата во Струмица чини од 30 до 35 денари а на пазарите во Струмица се продава 60 до 70 денари додека во Скопје и за 100 денари. Кој губи а кој ќари.

Струмичко Куклиш. Речиси во секој двор црвени пиперки за продажба. Панчо Мицев само што се врати од берба и планира да го селектира родот за да го предаде кај откупувач. 35 денари за екстра класа ајварка, 20 денари за прва и втора, а за најслабата класа 12 денари.
Китански од Куклиш, пак, со своите најблиски веќе го селектираше родот кој ќе заврши кај откупувачи. И за него цените се неприфатливи, оти трошоците за производство се големи.
Пиперките со екстра квалитет од 35 денари одат за извоз или за големите маркети и пазари.
Се упативме на пазарот на големо во Струмица, каде има трговци кои откупуваат и препродаваат црвени пиперки. Продавачите тврдат дека сè уште е рано за зимници и туршија, а купувачите, пак, велат дека ќе дадат пари за добра пиперка.
Мали количини црвена пиперка имаше и на пазарот на мало во Струмица.
Пласманот и откупот на ајварката оваа сезона во Струмица е проблематичен, со ниски цени, поради што земјоделците излегуваа неколку пати на протест.
Ване Трајков
