Сообраќај

По 30 години повторно локален воз: Зелениково и околните места побрзо поврзани со Скопје

02.09.2026 16:06

По три децении, локалниот воз повторно ги поврзува Зелениково, Драчево, Лисиче и околните населени места со центарот на Скопје. Патувањето до главната железничка станица сега трае околу 20 минути, а со тоа се очекуваат заштеда на време и намалување на транспортните трошоци.

По 30 години жителите на Зелениково, Драчево, Лисиче и околните места добија локален воз. Ова значи побрза конекција со центарот на главниот град, помалку транспортни трошоци, но пред сè заштеда на време – наместо за повеќе од еден час сега до железничката станица стигнуваат за 20-ина минути.

Поефикасен превоз, поголема мобилност на граѓаните и почиста животна средина се очекуваните ефекти од „Градски воз“.

На пуштањето во употреба на линијата која е дел од проектот „Градски воз“ и претходеше реконструкција на застарената железничката инфраструктура која датира од 50-тите и 60-тиме години. Но, и сигнализација насекаде не се почитува.

Цената на билетот е 40 денари во еден правец, а повратен билет чини 70 денари. За оние кои секојдневно ќе го користат железничкиот сообраќај, месечниот билет ќе чини 1.040 денари. Од Зелениково ќе има осум поаѓања, првото наутро во 6 часот и 20 минути, а последното во 21. 55 часот.

Паралелно, се подготвуваат уште две линии – едната од Волково преку Ѓорче Петров и Скопје Север, а втората од Миладиновци преку Илинден и Маџари до главната железничка станица.

Александра Велинова