Образование

Децата се вратија во клупите, жегата не попушта - засега не се размислува за скратување на наставата

02.09.2026 16:40

На календарот – септември, во училниците – лето. Децата се вратија во клупите, но жештините не си заминуваат – се најавува дека и септември ќе биде со високи температури, а во многу училници часот ќе се држи со отворени прозорци и без клима. Засега нема ниту одложување, ниту скратување на наставата – за тоа ќе се размислува дури ако термометрите ја вклучат портокаловата фаза.

Септември почна со учебници, тетратки и летни температури. Во дел од училниците нема клима, но часовите нема да се скратуваат. Наместо тоа – повеќе одмор, повеќе вода и помалку физичка активност ако се вклучи жолтиот метеоаларм.

Втор училишен ден. Надвор лето, внатре настава по редовен распоред. Додека температурите растат, училиштата треба да се приспособат – особено оние во кои училниците не се климатизирани.

А олеснување од времето – засега нема. Дури ни најавеното попладневно невреме не го носи очекуваното заладување. Метеоролозите најавуваат продолжено лето и високи септемвриски температури.

Засега, значи, ѕвончето ќе ѕвони по стариот распоред. Ако температурите влезат во жолта фаза – ќе се менува ритамот, не должината на наставата. Без физичко и со подолги одмори, додека училиштата без клима ќе мораат да најдат начин како полесно да го поминат продолженото лето.

Викторија Милевска