Охрид домаќин на 30. Републички пензионерски спортски натпревари
Охрид домаќин на 30. јубилејни Републички пензионерски спортски игри. Претседателката Гордана Силјановска-Давкова порача дека пензионирањето не значи повлекување од општеството, гласот на пензионерите мора да биде слушнат…

Пензионирањето не значи повлекување од општествениот живот, туку можност животното искуство, знаењето и мудроста да дојдат до полн израз. Ова е порака на претседателката Гордана Силјановска-Давкова на свеченото отворање на 30. Републички пензионерски спортски игри што се одржуваат во Охрид.
Давкова порача пензионерите мора да бидат вклучени во процесот на креирање на политиките и законите што се однесуваат на нив, бидејќи токму тие најдобро ги знаат своите потреби и проблеми.
Секогаш претседателот на комисијата или претседателот на Собранието претходно треба да ги повика претставниците на засегнатата страна. Ако се тоа пензионерите, сигурно дека треба да се чуе нивниот глас, ни случајно, затоа што се работи за нив и тие најдобро знаат што е она што им е потребно и како тоа да се реализира. Истото го зборувам и за младите. Значи, логично е во процесот на одлучувањето да бидат вклучени засегнатите
Во земјава има околу 350 илјади пензионери, а меѓу најголемите предизвици остануваат ниските примања. Речиси 100 000 пензионери живеат со 21.000 Од Сојузот на пензионерите посочуваат дека покрај зголемувањето на пензиите, потребни се и дополнителни мерки за оние со најниски примања.
Значи, кога станува збор за најниската пензија, секако дека има големо значење да се помогне на пензионерите, точно со тие пониски примања, покрај зголемување на пензиите и со мерки коишто се надвор од пензискиот систем. А тоа се познатите: еднократни давања, потоа помош во доменот на здравственото осигурување, социјалното домување и така натаму
На јубилејните Републички пензионерски спортски игри учествуваат околу 300 пензионери од четириесеттина здруженија на пензионери во земјава, кои ќе ги одмерат своите сили во повеќе спортски дисциплини.
Соња Рилковска
