Зимата се ближи, расте сметката за огрев
Домаќинствата што се греат на дрва веќе почнуваат да го набавуваат огревот. За дом од околу 60 квадратни метри потребни се 8 до 10 кубици дрва, што може да чини од 25.000 до 45.000 денари, зависно од местото на набавка.

Кубик по кубик – и сметката за зимата расте. За оние што и годинава ќе се греат на дрва, подготовките веќе почнуваат. Цената зависи од тоа каде ќе ги купат и кој ќе ги донесе до дома.
ЈП „Национални шуми“
Бука – 3.090 денари
Даб – 3.200 денари
Со сопствен превоз
Приватни стоваришта
Бука/даб – околу 4.500 денари
Со вклучен превоз
Разликата може да биде и над илјада денари за секој кубик. Но од „Национални шуми“ уверуваат – нема потреба од трка по дрва, количини има доволно.
А колку дрва ќе „изеде“ една зима? Секако, конечната математика зависи од квадратурата, изолацијата и од тоа колку ќе биде студена зимата.
Дом од околу 60 м2
8 – 10 кубици дрва
Од „Национални шуми“:
Приближно 25.000 – 32.000 денари
Без превоз
Од приватно стовариште:
Приближно 36.000 – 45.000 денари
Со превоз
На пример: за дом од околу 60 квадрати, за една зима се потребни меѓу осум и десет кубици дрва. Сметката во „Национални шуми“ би изнесувала од 25 до 32 илјади денари, без превоз. Во приватните стоваришта, каде што доставата е вклучена во цената, истата количина би чинела од 36 до 45 илјади денари.
Грејната сезона официјално почнува на 15 октомври. Дотогаш има уште месец и пол, но за домаќинствата што се греат на дрва, зимската математика веќе почна.
Над 120.000 домаќинства во земјава сè уште се греат на дрва. За нив пресметката е едноставна – колку порано ќе се набави огревот, толку помал ризик зимата да ги пречека со празно складиште и поскапа понуда.
Борис Грујоски
