Универзитетите од Македонија, Бугарија и Турција заедно до европските истражувачки фондови
Претставници на најголемите Универзитети од Македонија, Бугарија и од Турција, како и на Академиите на науките и уметностите, потпишаа Меморандум за научна соработка. Охридската иницијатива ќе придонесе за заеднички настап пред европските истражувачки фондови во рамките на програмата на Европската унија „Хоризонт 2020“...

Потпишувањето на меморандумот за соработка на институции од трите држави во себе ја содржи компонентата на регионален развој.Со тоа се отвора можноста за искористување на сите европски средства што стојат на располагање во областа на науката и образованието.
„Ќе продолжиме да ги подржуваме овие институции затоа што сметаме дека овозможуваат развој не само во науката, туку во соработка со стопанството даваат посебна компонента во развојот на државата“, вели министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми.
Охридската иницијатива отвора простор за продор на балканските држави во заедничкиот европски истражувачки простор во рамките на програмата „Хоризонт 2020“ на Европската Унија.
„Обединети со една заедничка платформа сигурно дека ќе бидеме далеку поуспешни во аплицирањето од заедничките европски фондови. Од тоа бенефит сигурно дека ќе имаат и универзитетите и академиите, но и нашите држави“, изјави Велимир Стојковски, ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје.
„Иднината на регионот треба да се базира на најквалитетните луѓе,а најквалитетните луѓе произлегуваат од академската сфера“, смета Јунус Сојлет, ректор на Истамбулскиот универзитет.
Меморандумот е всушност обраќање кон меѓународната јавност што треба да овозможи конкретни договори за подготовка на заеднички тимови во повеќе научни области.
„Се демонстрира еден исклучително важен заеднички пристап за нашите општества, а тоа е подигање на угледот, на авторитетот на високото образование и науката и институциите во таа област како мост на пријателство“, рече Владо Камбовски, претседател на МАНУ.
Наскоро се очекува иницијативата да продолжи со реализирање на конкретни договори и работа на проекти со кои ќе се аплицира пред фондовите на Европската Унија.
Сашо Нелоски
