Судење

Распит на градежните вештаци во случајот „Пулс“

02.09.2026 16:59

Градежните експерти се децидни: пожарот настанал од прскалките, но се проширил брзо поради несоодветните материјали вградени во објектот. Тие не се согласуваат со елаборатот за заштита од пожари што го имала дискотеката „Пулс“, бидејќи не бил одобрен од ниедна институција. Потврдија дека од 2012 до моментот на трагедијата ниту еднаш не била извршена контрола од инспектор за пожар.

„Тотално е неважно каква боја бил сунѓерот поставен на таванот на дискотеката „Пулс“. Ние составот на сунѓерот не го утврдивме преку фотографија, туку преку релевантни форензички вештачења и осознавме дека при согорување испушта отровни материи.“ Ова во судницата го кажа професорот Марковски од Градежниот факултет кој заедно со тим професори го изработија градежното и урбанистичко вештачење по налог на обвинителството за случајот „Пулс“.

Градежните експерти се децидни: пожарот настанал од прскалките, но се проширил брзо поради несоодветните материјали вградени во објектот.

„Основа за нашето тврдење, што има поставено на таванот беа форензичките вештачења и оние на Институтот за судска медицина и на ПМФ. Специфично, за овој материјал, конкретно сунѓерот, е што при согорување тој ослободува јаглерод моноксид и цијанид, а знаеме во кои историски моменти се користел цијанид“, одговор на прашање на одбраната вештото лице, професор на градежниот факултет Горан Марковски.

Експертите појаснија – не се согласуваат со елаборатот за заштита од пожари што го имала дискотеката „Пулс“, бидејќи не бил одобрен од ниедна институција. Во него стои дека дојавата на пожар ќе ја врши човек по пат на телефон, но експертите сметаат дека овој начин на известување не може да се третира како систем за дојава за пожар. Потврдија дека од 2012 до моментот на трагедијата ниту еднаш не била извршена контрола од инспектор за пожар.

Анита Димитријевска – Велковска