Власта и опозицијата ги судрија аргументите за задолжувањата
Милијарда евра за Македонија – сега и под лупа на унгарските истражители. Кривична истрага за можни злоупотреби во државната „Ексимбанка“ го опфаќа и кредитот за земјава. Додека Будимпешта истражува, во Скопје се води војна со милијарди – СДСМ обвинува дека државата се дави во нови долгови, Мицкоски возвраќа: со парите градиме и ги враќаме сметките што ни ги остави претходната власт.

Унгарските власти отвориле кривична истрага за можни злоупотреби во државната „Ексимбанка“. Со неа се опфатени четири случаи за кои постојат сомневања за злоупотреба на службената положба и несовесно работење. Меѓу нив е и одобрениот кредит од една милијарда евра за Македонија.
Додека Будимпешта прави проверки, во Скопје обвинувања за задолжувањата на државата. СДСМ тврди дека со последното задолжување од 1,3 милијарди евра, за две години се направени долгови од 4 милијарди.
Премиерот Мицкоски објаснува – со парите се реализираат проекти и се враќаат долгови, направени токму од претходната влада на СДСМ и ДУИ. Премиерот посочи дека во наредните три години треба да се вратат и еврообврзници од 1,9 милијарди евра.
И додека опозицијата тврди дека владата нема пари за плати, пензии и социјални трансфери, власта посочува дека примањата на граѓаните растат, а растат и БДП и индустриското производство.
Игор Панов
