Битола

НП „Пелистер“: Три дена оган, последици со години

02.09.2026 18:22

Додека на едни места битката сè уште трае – на Пелистер утрово останаа чадот, пепелта и последиците од тридневната драма. Најтешкиот пожар оваа сезона е ставен под контрола, но теренот и натаму се чува деноноќно. Клучна била заедничката битка на институциите и луѓето на терен – а од пеплосаната природа сега стигнува и друга порака: националните паркови не се само шума што треба да ја гасиме кога ќе се запали, туку богатство што мора да го чуваме пред да биде предоцна…

Нецели 24 часа откако битката против пламените јазици е добиена, но борбата продолжува.

На овие пеколни температури, потребна беше само една искра за во истиот миг да распламти во огнени јазици коишто почнаа да го голтаат Националниот парк „Пелистер“ од ресенска страна.

Покрај свесноста и совеста, недостига и поголема едукација за значењето на националните паркови, велат локалните жители.

За извојувањето на оваа „битка“ екипирани беа сите релевантни институции, но и оние кои ја сакаат својата земја во одбрана на преспанско-пелагониските „бели дробови.

Тешко пристапниот терен, вештачките насади, наталожените слоеви на борова и на дабова сува шума го категоризираше овој пожар за еден од најтешко совладливите оваа сезона.

„Официјално пожарот не е завршен. Се вршат континуирани патролни мерки и обезбедување на терен“ велат од Националниот парк.

Ружица Аџикотарева Ѓоршевска