Собранието продолжува со 121. седница, на дневен ред бројни законски измени
Националната стратегија за безбедност на сообраќајот, извештајот за слободен пристап до информации и пакет законски измени по скратена постапка се меѓу точките на дневниот ред на продолжението на 121. седница на Собранието. Седницата е закажана за 14 часот во салата „Македонија“.

Пратениците денеска треба да расправаат за Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026-2030 година, како и за Годишниот извештај на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2025 година.
На дневен ред е обемен пакет законски измени по скратена постапка, меѓу кои и законите за пензиското и инвалидското осигурување, задолжителните нафтени резерви, Царинската управа, јавните набавки, Државната статистика, стоковните резерви и метрологијата.
Ќе се разгледуваат и измени во областите на здравството, земјоделството, јавните приходи, индустриската сопственост, урбанистичкото планирање, катастарот, животната средина, инспекцискиот надзор и локалната самоуправа.
На агендата се и предлог-законите за управување со кризи, заштита и спасување, сигурност во железничкиот систем, административните службеници, употребата на македонскиот јазик, извршувањето на санкциите и внатрешната пловидба.
Во рамки на седницата треба да се разгледа и Предлог-законот за дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
