Обемна агенда и десетици законски измени на повеќе собраниски комисии
На дневен ред се и законски измени во повеќе области, како и два предлог-закони во прво читање.

Повеќе собраниски комисии денеска ќе одржат седници на кои ќе разгледуваат предлог-закони од економијата, финансиите, здравството, земјоделството, безбедноста, транспортот, локалната самоуправа и јавната администрација. На дневен ред се и законски измени во повеќе области, како и два предлог-закони во прво читање.
Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика ќе расправа за законите за задолжителните нафтени резерви, Геолошкиот завод, државната статистика, метрологијата и инспекцијата на трудот, како и за измените поврзани со Агенцијата за странски инвестиции, Државниот пазарен инспекторат и технолошко-индустриските развојни зони. На дневен ред е и Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Комисијата за политички систем ќе разгледува измени во законите за вештачење, административните службеници, катастарот, конфискуваниот имот, управната инспекција и инспекцискиот надзор.
Од областа на безбедноста, Комисијата за одбрана и безбедност ќе ги разгледува измените на законите за класифицирани информации, управување со кризи и заштита и спасување.
Законски измени се предвидени и на седниците на комисиите за локална самоуправа, земјоделство, здравство, финансирање и буџет, култура и туризам, транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, како и за социјална политика, демографија и млади.
Меѓу поважните точки се и измените на законите за пензиското и инвалидското осигурување, здравственото осигурување, лековите и медицинските средства, Фондот за осигурување на депозити, Царинската управа, јавните набавки, Управата за јавни приходи и Централниот регистар.
Законодавно-правната комисија, покрај повеќе од овие законски измени, ќе ги разгледува и Предлог-законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Предлог-законот за државната ревизија во прво читање.
