Турција возврати, се интензивираат борбите меѓу ИДИЛ и курдската Пешмерга

30.09.2014 12:50

ИДИЛ објави втора снимка од серијата „Позајмете ми ги вашите уши“. На неа киднапираниот фотограф на британски „Сандеј Тајмс“ Џон Кентли е принуден да ги критикува воздушните напади...

Турција првпат возврати преку границата со Сирија, како што налагаат правилата на војувањето. Околу Кобане се интензивираа борбите на џихадистите од Исламска Држава и курдската Пешмерга. 3 гранати паднаа на чистинка на турската страна. Тенкови и оклопни возила ја чуваат границата преку којашто им е дозволен премин само на бегалците.

„Оваа бомба падна на турска територија. На Турција и треба помош. Никој не ни помага“, вели  жител на Турција.

„Кажете и на Америка дека ни треба оружје. Ако не ги победиме џихадистите, нивната наредна цел ќе бидат Европа и САД“, изјави Омран Хусеин, командант на Пешмергата.

Анкара од хуманитарна помош се преориентира во комплетна воена поддршка на широката анти-ИДИЛ коалиција. Турскиот парламент денеска треба да одлучи за воена акција во Сирија и продолжување на мандатот во Ирак. Курдските милиции почнаа офанзива на три фронта –Мосул, Киркук и Кобане. И сириската војска напредува кон Дума, а во Алепо, гранка на Исламска држава објави снимка од, како што го опишуваат, „разорувањето на крстоносната алијанса“, но не прецизираат дали го извеле силите на широката коалиција или сирискиот режим. По жестоки борби околу ирачката престолнина, џихадистите се потиснати од таканаречениот багдадски појас.

„Ја ослободивме речиси целата провинција Дијала, ако даде Алах, наскоро ќе ја ослободиме до крај“, рече еден ирачки војник.

Инаку ИДИЛ објави втора снимка од серијата „Позајмете ми ги вашите уши“. На неа киднапираниот фотограф на британски „Сандеј Тајмс“ Џон Кентли е принуден да ги критикува воздушните напади и да ги повика САД да пратат копнени трупи. Џихадистите до сега обезглавија тројца заробеници – двајца Американци и еден Британец.

 

Ивана Салтировска