Украина

Киев под жестоки руски напади, Европа предупредува на зголемени безбедносни ризици

03.09.2026 12:00

Киев повторно под жестоки руски напади, десетици повредени, а Украина го менува системот за воздушна тревога поради новата руска тактика. Во меѓувреме, Германија најавува дополнителна воена помош за Киев, додека Полска и Европската Унија предупредуваат на зголемени безбедносни ризици и можни руски саботажи во Европа. Вашингтон и натаму го остава отворен дипломатскиот пат, а Киев и САД разговараат и за производство на ракети за системите „Патриот“.

Киев повторно под жесток руски оган. Десетици лица се повредени во најновиот бран напади, а воздушни тревоги се огласија и далеку од фронтот, меѓу кои во Тернопол и Одеса. По една недела интензивни удари со дронови и балистички ракети, Украина ги менува мерките за заштита на цивилите, приспособувајќи го системот за воздушна тревога на новата руска тактика. Во меѓувреме, Зеленски потврди нова германска воена помош и предупреди дека заканата од дронови веќе влијае и врз воздушниот сообраќај во Русија.

„Германија ќе испрати дополнителни ракети за нашата противвоздушна одбрана, а канцеларот ми го потврди тоа. Во меѓувреме, првите авиокомпании почнаа да одбиваат летови кон руските аеродроми поради реалната закана од дронови во рускиот воздушен простор“, изјави Володимир Зеленски -претседател на Украина.

Паралелно, безбедносните тензии се шират и низ Европа, откако Германија ја обвини Москва за обидот за напад со дрон врз аеродромот Лајпциг, што Русија го отфрла, додека Брисел и НАТО јавно застанаа зад Берлин и најавија засилен одговор. Полска, пак, предупредува на зголемена опасност од руски саботажи-Туск потврди дека пожарот во фабриката за компоненти за дронови во Скаржиско-Камиена бил намерно предизвикан, а не ја исклучи можноста и пожарот во Лублин да бил подметнат.

„Ова е продолжение на руските ескалатори активности низ целиот регион. За жал, ова не се први случаи, а сигурно нема да бидат ниту последни. Следните недели и месеци ќе бидат голем предизвик за сите земји во овој дел од Европа“, изјави Доналд Туск -премиер на Полска.

На зголемените безбедносни ризици реагира и Европската Унија. Шефицата за надворешна политика Калас најави поддршка за построги визи за руските државјани и дополнителни ограничувања за туристите.

„Она што се случи во Лајпциг не беше изолиран инцидент. Од 2022 година гледаме систематски напади низ Европа. Саботажите, сајбер-нападите и шпионажата стануваат сè почести и посмели. ЕУ е целосно солидарна со Германија и продолжуваме со нови санкции“, изјави Каја Калас -шефица за надворешна политика на ЕУ.

Во услови на растечки тензии, Трамп и натаму го остава отворен дипломатскиот пат. Вели дека сака средба со Путин, но дури откако ќе се создадат услови за мировен договор со Украина.

„Сакам да го направам тоа кога ќе бидеме подготвени да склучиме мировен договор. Сакам да го направам тоа кога ќе заврши оваа војна. И мислам дека ќе го направиме“, изјави Доналд Трамп -претседател на САД.

Во меѓувреме, Вашингтон и Киев продолжуваат да преговараат за можноста Украина да добие лиценца за производство на ракети за системите „Патриот“. Рубио уверува дека САД ќе продолжат да ѝ помагаат на Украина, во рамки на сопствените залихи и производствени капацитети.

 

Бојана Крстевски