ДЗР: Фотоволтаични електрани се граделе без целосно функционален систем за планирање и надзор
Ревизијата утврди низа слабости во издавањето дозволи за изградба на фотоволтаични електрани во периодот од 2022 до мај 2025 година. Недостигале навремено планирање, координација меѓу институциите и ефикасен надзор, а кај дел од електраните се издавани одобренија спротивно на законските прописи.

Државниот завод за ревизија утврди значителни слабости во системот за издавање дозволи за изградба на фотоволтаични електрани во периодот од 2022 до мај 2025 година.
Според ревизијата, системот не обезбедил целосна законска усогласеност, навремено планирање и координирано постапување на надлежните институции, како и ефикасен надзор над изградбата и работата на електраните.
До мај 2025 година не бил донесен Индикативниот план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кој требало да биде основа за планирање на новите капацитети и нивното приклучување кон електроенергетскиот систем.
Ревизорите констатирале и случаи во кои одобренија за изградба на големи фотоволтаични електрани биле издадени од општини, иако станувало збор за градби од државно значење за кои биле надлежни Министерството и Владата. Станува збор за три електрани со моќност од 19, 174 и 337 мегавати.
Дополнително, биле утврдени неусогласени податоци за моќноста на електраните во документацијата, различен третман на инвеститорите, како и случаи на издадени две одобренија за една градежна парцела врз основа на ист урбанистички извод.
ДЗР констатирал и слабости во надзорот. Целосно отсуствувал надзор над примената на дел од одредбите од Законот за енергетика од страна на општините, додека инспекциските надзори над техничката опрема во фотоволтаичните електрани биле малубројни.
Ревизијата покажала и дека не се создадени услови за ефикасен мониторинг поради нецелосен и неусогласен Регистар на електроцентрали, а не била уредена ниту категоризацијата на отпадот од опремата од фотоволтаичните електрани и складиштата за енергија.
По донесувањето на новиот Закон за енергетика во мај 2025 година се забележува напредок во планирањето, но ДЗР укажува дека е потребно навремено донесување на подзаконските акти и воспоставување ефикасен надзор и мониторинг.
За утврдените слабости, Државниот завод за ревизија дал препораки до надлежните институции.
