Македонија

УНИЦЕФ: Речиси 12 илјади деца во Македонија доживеале сексуална злоупотреба со помош на технологија

03.09.2026 14:52

Речиси 12 илјади деца-корисници на интернет на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија доживеале најмалку една форма на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија, покажува новиот извештај на УНИЦЕФ. Особено загрижувачки се податоците за уцените, заканите со објавување интимни содржини и злоупотребата на вештачката интелигенција.

Околу 11.727 деца-корисници на интернет на возраст од 12 до 17 години, односно 9,4 отсто од оваа група во Северна Македонија, доживеале најмалку една форма на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во годината пред истражувањето, покажува новиот извештај на УНИЦЕФ.

Иако проценетата преваленца во Северна Македонија е пониска од просекот од 18 отсто во 21 земја опфатена со истражувањето, УНИЦЕФ предупредува на нови и сериозни ризици за децата.

Меѓу деветте земји опфатени со вториот круг од истражувањето, Северна Македонија има највисока стапка на деца кои добивале закани или биле уценувани за да се вклучат во сексуални активности – 4,4 отсто, во споредба со просекот од 3 отсто.

Земјава е на прво место и според уделот на деца кои добивале закани дека ќе бидат објавени нивни сексуални фотографии или видеа – 4,2 отсто, наспроти просекот од 2 отсто.

Особено загрижувачки се податоците за вештачката интелигенција. Во Северна Македонија, 4,3 отсто од децата пријавиле дека биле креирани сексуални слики или видеа генерирани со вештачка интелигенција кои ги прикажуваат нив. Тоа е повеќе од двојно над просекот од 2 отсто во земјите опфатени со анализата.

Истражувањето покажува дека злоупотребата не е исклучиво поврзана со непознати лица на интернет. Во Северна Македонија, во 80 отсто од инцидентите сторителот бил лице кое детето веќе го познавало – пријател, член на семејството, романтичен партнер или познаник. Тоа е највисок процент меѓу земјите опфатени со студијата.

Речиси шест од десет инциденти, односно 59 отсто, вклучувале полнолетен сторител, што исто така е највисок процент меѓу деветте земји од вториот круг.

Последиците врз психичката благосостојба на децата се сериозни. Според УНИЦЕФ, децата во Северна Македонија кои биле изложени на ваква злоупотреба имале 8,6 пати поголема веројатност да пријават самоубиствени мисли или однесување, а 9,4 пати поголема веројатност да пријават самоповредување, во споредба со децата кои не биле изложени на злоупотреба.

Охрабрувачки е што Северна Македонија има највисока стапка на обелоденување меѓу земјите-учеснички. 87,6 отсто од децата кои доживеале злоупотреба му кажале некому што им се случило. Најчесто разговарале со мајките, пријателите, татковците, браќата или сестрите.

Сепак, помалку од еден процент од случаите биле пријавени до формални механизми за поддршка, како полицијата, социјалните работници или телефонските линии за помош.

На глобално ниво, извештајот проценува дека околу 20 милиони деца во 21 земја, односно речиси секое петто дете на возраст од 12 до 17 години, биле изложени на најмалку една форма на сексуална експлоатација или злоупотреба со помош на технологија во период од една година.

Речиси 60 отсто од случаите се случиле на социјалните мрежи, а 14 отсто биле поврзани со онлајн-игри. Над 40 отсто од случаите никогаш не биле обелоденети пред никого, а на глобално ниво помалку од еден процент биле пријавени кај надлежните.

УНИЦЕФ повикува на посилна заштита на децата на интернет, побезбедни дигитални платформи, подобри механизми за пријавување и поддршка, како и зајакнување на законите и институционалниот одговор на новите форми на сексуална злоупотреба, вклучително и оние поврзани со вештачката интелигенција.