„Галимар“ го објави „Тони“ на Румена Бужаровска
Романот „Тони“, кој во Македонија беше објавен во 2024 година, годинава излезе и на шпански јазик, а шпанската критика го споредува главниот лик со книжевни ликови како Хамберт Хамберт од „Лолита“, Том Рипли и Патрик Бејтман.

Угледната француска издавачка куќа „Галимар“ го објави првиот роман на македонската писателка Румена Бужаровска, „Тони“. Ова е трето дело на Бужаровска што е објавено од еден од најпрестижните европски издавачи, по збирките раскази „Мојот маж“ и „Не одам никаде“.
Романот „Тони“, кој во Македонија беше објавен во 2024 година, годинава излезе и на шпански јазик, а шпанската критика го споредува главниот лик со книжевни ликови како Хамберт Хамберт од „Лолита“, Том Рипли и Патрик Бејтман.
Напишан со остар и современ јазик, во препознатливиот горчлив и духовит стил на Бужаровска, „Тони“ обработува теми поврзани со машкоста, градот, традицијата, но и општествените, романтичните и семејните односи.
Француското радио „Франс култур“ ја опиша Бужаровска како писателка која „ги крши сите табуа со беспоштеден хумор“.
По македонското издание, „Тони“ беше објавен и во Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Во октомври се очекува изданието на албански јазик, а во текот на следната година романот ќе биде објавен и во Португалија, САД и Грција.
На македонски јазик романот досега доживеа четири изданија.
