Славески на средба со претставници на Амбасадата на САД
Разменети мислења за македонската економија и финансиската стабилност.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, денеска се сретна со претставници на Амбасадата на САД, со кои разговараше за актуелните економски состојби во земјава, очекувањата за македонската економија и влијанието на глобалните и регионалните економски движења.
На средбата, на која присуствуваше и вицегувернерката Ана Митреска, Славески ги претстави активностите и приоритетите на Народната банка, со акцент на одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, стабилноста на девизниот курс и модернизирањето на финансискиот систем.
Од Народната банка посочуваат дека и натаму се спроведува соодветна макроекономска политика насочена кон стабилност на цените и девизниот курс, што е основа за стабилно и предвидливо економско окружување.
На состанокот било оценето и дека финансискиот систем останува отпорен и способен да одговори на потенцијалните ризици и предизвици од домашното и меѓународното окружување. Народната банка продолжува со следење на ризиците и преземање мерки за зачувување на стабилноста и довербата во банкарскиот и финансискиот систем.
Била нагласена и важноста од продолжување на редовниот дијалог со Амбасадата на САД за актуелните економски прашања, особено во услови на неизвесности во глобалното економско окружување.
