Киев повторно под жесток руски оган, десетици повредени
Рускиот претседател Владимир Путин потенцира дека директен договор меѓу Русија и Украина е клучот за решавање на конфликтот, отфрлајќи преговори со терористи. Истовремено, тој ги поздравува напорите на американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски предупредува на руската воена релокација. Во меѓувреме продолжуваат нападите.

Киев повторно под жесток руски оган. Десетици лица се повредени во најновиот бран напади, а воздушни тревоги се огласија и во Тернопол и Одеса.
„Спиевме со моето дете. Експлозивниот бран нè фрли низ прозорецот и, како што можете да видите, проби тука. Детето има неколку исеченици, и јас сум повредена“, изјави Марина, жителка на Одеса.
По една недела интензивни удари со дронови и балистички ракети, Украина ги менува мерките за заштита на цивилите, прилагодувајќи го системот за воздушна тревога на новата руска тактика. Во меѓувреме, Зеленски потврди нова германска воена помош и предупреди дека заканата од дронови веќе влијае врз воздушниот сообраќај во Русија.
„Германија ќе испрати дополнителни ракети за нашата противвоздушна одбрана, а канцеларот ми го потврди тоа. Во меѓувреме, првите авиокомпании почнаа да одбиваат летови кон руските аеродроми поради реалната закана од дронови во рускиот воздушен простор“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, украински дронови погодија цели во руската Белгородска област, при што едно лице загина, а оштетени се и возила. Во услови на растечки тензии, Трамп и натаму го остава отворен дипломатскиот пат. Вели дека сака средба со Путин, но откако ќе се создадат услови за мировен договор со Украина.
„Сакам да го направам тоа кога ќе бидеме подготвени да склучиме мировен договор. Сакам да го направам тоа кога ќе заврши оваа војна. И мислам дека ќе го направиме“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Путин се согласува со Трамп, но смета дека украинските напади и закани ги комплицираат билатералните преговори.
„Овој проблем треба да се реши меѓу вклучените страни – Русија и Украина. Дали постои шанса за тоа-да, постои. Но, нападите врз цивилни и комерцијални бродови, а особено заканите за напади врз цивилни авиони, ја комплицираат можноста за билатерални мировни преговори. Патем, оние што молчат и го игнорираат ова, пред сè, западните сојузници на Украина, стануваат соучесници на меѓународниот тероризам“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Паралелно, безбедносните тензии се шират и низ Европа. По обвинувањата на Германија дека Москва стои зад обидот за напад со дрон врз аеродромот Лајпциг, што Русија го отфрла, Данска предупреди на подготовки за руска саботажа, а Полска на намерно предизвикани пожари во фабрики за компоненти за дронови.
„Ова е продолжение на руските ескалаторни активности низ целиот регион. За жал, ова не се први случаи, а сигурно нема да бидат ниту последни. Следните недели и месеци ќе бидат голем предизвик за сите земји во овој дел од Европа“, изјави Доналд Туск, премиер на Полска.
На зголемените безбедносни ризици реагираа Брисел и НАТО, најавувајќи засилен одговор.
Бојана Крстевски
