Сцена

„Уметноста ја крши тишината“ – мултимедијален настан за 35 години независност

03.09.2026 12:24

Современа уметност, музика, поезија, перформанс, визуелна уметност и клубска култура на 7 септември пред Музејот на Македонија.

Мултимедијалниот настан „Уметноста ја крши тишината“ ќе се одржи на 7 септември, со почеток во 21 часот, на платото пред Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија, по повод 35 години од независноста на земјава.

Наместо класична прослава, организаторите најавуваат концепт кој преку современата уметност и урбаната култура гледа кон иднината. Програмата ќе опфати музика, поезија, перформанс, визуелна уметност, видеомапинг и клубска култура.

Вечерта ќе ја отвори Игор Џамбазов, а во официјалниот дел ќе настапат Весна Микиќ на харфа, Александра Илиева на саксофон, Јана Стојановска, Мишел Трајковски – Скопје Виа и Лаура Карлиу.

Преку своите настапи, дел од уметниците ќе ги отворат темите на различноста, припадноста и поврзувањето на заедниците. Лаура Карлиу, со изведби на македонски и албански јазик, ќе ја претстави музиката како мост меѓу различните јазични и културни средини.

Во рамки на настанот ќе биде поставена и изложба курирана од Антони Мазневски, на која ќе учествуваат Михаил Корубин, Калина Брајковска, Решад Ахмети, Игор Јосифов, Крсто Глигоровски, Ангел Миов и Синиша Новески. Актерката Ана Стојановска ќе настапи со рецитал.

По официјалната програма, платото ќе се претвори во простор за современа клубска култура. Ќе настапат Nino Fluder со Александра на саксофон, потоа Ampov и Dimchuga од колективот Buru.

Музичката програма ќе ја затвори специјалната гостинка од Грција, Myrophora, DJ и радио водителка од Солун и членка на грчкиот NON collective. Нејзиното гостување, според организаторите, има за цел да ја поттикне регионалната културна соработка и повторното поврзување на македонската и грчката урбана музичка сцена.

„Уметноста ја крши тишината“ ги спојува традиционалната културна програма и современата урбана сцена, со порака дека културата не е само сеќавање на минатото, туку и начин на создавање на иднината.