Култура

„Кавалерија рустикана“ на 11 септември на сцената на Националната опера и балет

03.09.2026 20:49

Делото ја носи приказната за љубовта, љубомората, предавството и честа, низ судбините на главните ликови, а силната музичка експресивност и драмскиот набој водат кон трагичен расплет.

Операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи, едно од најпознатите дела на италијанскиот оперски веризам, ќе биде изведена на 11 септември во Националната опера и балет. Претставата започнува во 20 часот.

Делото ја носи приказната за љубовта, љубомората, предавството и честа, низ судбините на главните ликови, а силната музичка експресивност и драмскиот набој водат кон трагичен расплет.

На сцената во Скопје, „Кавалерија рустикана“ ќе биде изведена под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во режија на италијанскиот режисер Џандоменико Вакари. Сценографијата е на Зоран Николовски, костимите на Елена Дончева, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во улогата на Сантуца ќе настапи првенката Весна Ѓиновска Илкова, Туриду ќе го толкува Зоран Сотиров, Алфио – Марјан Јованоски, Лола – Катерина Стојановска, а Мајка Лучија – Соња Пендовска Мадевска.

Во изведбата учествуваат и хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Кавалерија рустикана“ премиерно е изведена во 1890 година и се смета за едно од делата што го одбележаа развојот на италијанскиот оперски веризам. Препознатлива е по драмскиот интензитет и непосредното прикажување на човечките емоции, поради што и денес е дел од репертоарот на оперските сцени ширум светот.