Објавен конкурс за откуп на драмски текстови

30.09.2014 13:28

Конкурсот е стимулативна мерка за зголемување на драмското творештвото што ќе соодветствува на реалните потреби на македонската театарска сцена и ќе ги промовира домашните драмски автори...

Министерството за култура го објави конкурсот  за откуп на драмски текстови кој ќе овозможи збогатување на продукцијата на драмски дела од македонски автори. Конкурсот е отворен до 31-ви јануари 2015-та година и е стимулативна мерка за зголемување на драмското творештвото што ќе соодветствува на реалните потреби на македонската театарска сцена и ќе ги промовира домашните драмски автори.

„Конкурсот е особено важен и за младите талентирани автори кои ќе имаат можност да се афирмираат преку откупените драмски текстови кои ќе ја доживеат својата премиера на сцените на македонските театри, а уверена сум дека многу од нив ќе бидат презентирани и во театрите во регионот и пошироко“, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес- конференција.

Секој автор ќе има право да конкурира со по еден оригинален драмски текст пишуван на македонски јазик, кој не е претходно изведуван ниту публикуван. Пристигнатите апликации ќе ги оценува стручна комисија која ќе избере најмногу три драмски текстови од пријавените на конкурсот. Избраните потоа ќе бидат објавени во печатено издание и така ќе бидат достапни до сите заинтересирани театарски установи, продуценти, режисери и уметници кои понатаму би го поставиле делото. За откуп на авторските права Министерството за култира на авторите ќе им додели авторски надомест во нето-износ од 100.000 денари.