Со „Фер туризам“ против сивата економија
Само 213 регистрирани станодавци во Струга, а реалната бројка се претпоставува дека е повеќекратно поголема. Голем дел работат надвор од системот – не го пријавуваат доходот и не плаќаат ниту туристичка такса. УЈП со кампањата „Фер туризам“ ја подигнува свеста кај станодавците, а Општината најавува дигитализација и следење на објектите кои се издаваат.

Само 213 станодавци се регистрирани во Струга. Реалната бројка, се претпоставува дека е повеќекратно поголема. Голем дел од оние кои сместуваат туристи не се категоризирани, не ги пријавуваат приходите и не плаќаат ниту туристичка такса.
Проблемот со сивата економија во туризмот е главниот фокус на кампањата „Фер туризам“ на Управата за јавни приходи, која денеска продолжи во Струга со едукативна средба со туристичките работници и даночните обврзници.
„Она што го очекуваме од ваквите состаноци се позитивни промени, промени во јавната свест на даночните обврзници, да ги почитуваат законите и, преку плаќањето на даноците, да учествуваат во развојот на туристичките центри, онака како што сите посакуваме – да се развиваат како и другите туристички центри секаде во светот.“, истакна Весна Николоска Ристеска – координатор на УЈП – ПЕ Охрид.
Приходите од туристичката такса во Струга пораснале од околу 3 милиони денари во 2022 година на околу 6 милиони денари минатата година, но од Општината велат дека тоа е сè уште недоволно за туристички центар како Струга.
„Имаме инспектори прв пат после 20 години имаме инспектори кои ќе излезат на терен и ќе ги убедиме граѓаните да се регистрираат и тие пак ќе имаат повеќе туристи. Ќе работиме на тоа поле за идната година да имаме повеќе такса за градот“, вели Менди Ќура, градоначалник на Струга.
Од Општината најавуваат и дигитализација, преку која треба да бидат опфатени сите станови и објекти кои се издаваат, со цел да се зголеми опфатот и наплатата на данок и туристичка такса.
Соња Рилковска
