Економија

За власта растот на БДП од 4,3% е знак за економски напредок, опозицијата обвинува за рекордно ниво на јавен долг

03.09.2026 18:11

Најавите за ново задолжување, за кој денеска реагираше претседателот на СДСМ Филипче,министерката за финансии Димитриеска-Кочоска ги нарече „весела математика“. Тие се однесувале на нова еврообврзница за враќање на старата која доспева во март идната година, но и за други долгови коишто треба да се врата идната година. Според премиерот Мицкоски, се е чисто околу добивањето и трошењето на пратите од кредитот со Унгарија.

Македонската економија во вториот квартал од 2026 година оствари реален раст од 4,3%, што претставува забрзување во однос на растот од 3,1% во првиот квартал годинава и е меѓу највисоките стапки на квартален раст во изминатите две и пол години, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа посочи дека стапката на раст на македонската економија е значително над просекот на Европската Унија од 1,2% и еврозоната од 1,0%, како и над стапките на раст во дел од земјите од регионот.

„Ако ја погледнеме целата патека, од 1,6% раст во првиот квартал од 2024 година денес сме на 4,3%. Уште поважно е што во сите десет последователни квартали во овој период економијата бележи позитивен раст, а во најголемиот дел од периодот стапките се движат околу и над 3%. Тоа е суштината на овие податоци. Не зборуваме за раст во еден изолиран квартал, туку за континуитет на економскиот раст“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска.

Со новото задолжување на Владата од 1,3 милијарди евра, вкупниот јавен долг на државата ќе достигне ниво од речиси 12 милијарди евра, односно околу 65% од Бруто домашниот производ-предупреди претседателот на СДСМ Филипче. Тој посочи дека ова задолжување не е предвидено во ребалансот на Буџетот и ја обвини власта за отсуство на стратегија за подобрување на економијата. Следна недела во Собранието ќе поднесат предлог закон за зголемување на минималната плата на 36.000 денари и субвенции за приватните компании за надоместок на разликата во придонесите.

ВМРО-ДПМНЕ со став дека социјалдемократите се обидуваат со манипулации на бројки да создаде слика дека државата е пред финансиски колапс.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не стравува од истрагата што се води во Унгарија во врска со поволниот заем што Македонија го доби од тамошната „Ексим“ банка. Тој посочи дека истрагата е внатрешно прашање на Унгарија и изрази очекување унгарските институции да ја завршат постапката и да излезат со официјални информации.

„Апсолутно не стравувам, сето тоа е дел од нашето стратешко партнерство потврдено од двете влади, средствата се на транспарентен начин потрошени и благодарност до Унгарија како наш стратешки партнер, што во времето кога се боревме од банкрот да ја извадиме државата поради долговите кои ги наследивме од бандитската влада на СДСМ и ДУИ тие беа први кои излегоа во пресрет“, изјави Мицкоски.

Договорот беше потпишан на 8 октомври 2024 год. во Будимпешта. На државата и беа одобрени близу 1 милијарда евра.

Марина Стојанова Тонева