Кривичен суд

Ново рочиште за “Пулс”- родителите обвинија дека одбраната намерно го одолговлекува процесот

03.09.2026 18:10

Во големата судница во Идризово продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Со вкрстени испрашувања вештакот и професор Горан Марковски на денешното рочиште уште еднаш потенцира дека во согласност со Законот за градењето, надлежните органи морале да реагираат на незаконските зафати, но таква реакција изостанала сè до 2025 година кога првпат биле изготвени записници од инспекциски надзор за веќе опожарениот објект. Родителите гневни бараат одговорност...

Градежното и урбанистичко вештачење и денес предмет на расправа во судницата за случајот „Пулс“. За дел од адвокатите се спорни надлежностите за вршење на инспекциските надзори.

Професорот Марковски од Градежниот факултет уште еднаш појасни дека инспекциската хиерархија не е предмет н ова вештачење и дека тимот на експерти се занимавал само со сегментот од несреќата што го опфаќа брзината на ширење на пожарот и материјалите од кои била изградена дискотеката.

Семејствата на жртвите пак реагираа дека одбраната намерно го одолговлекува процесот со непотребни и веќе одговорени прашања.

34-ца и 3 фирми се обвинети за несреќата во кочанската дискотека „Пулс“ во која на 16 март минатата година 63 загинаа, над 200 беа повредени.

Наташа Јанчиќ Менковски