На јужниот пол на Сатурн откриена мистериозна десетаголна структура од облаци
Астрономите на јужниот пол на Сатурн открија огромна десетаголна структура од облаци, широка околу 168 илјади километри. Оваа мистериозна атмосферска формација, која е многу поголема од познатиот шестоаголник на северниот пол на планетата, предизвика голем интерес во научната јавност.

Планетата Сатурн, препознатлива по своите прстени, доби уште една необична геометриска формација во својата атмосфера. По познатиот шестоаголник кој со децении се набљудува на северниот пол на планетата, научниците сега открија огромна структура од облаци со 10 страни на јужниот пол.
Според истражувањето објавено во списанието „Science Advances“, новооткриената десетаголна структура е широка околу 167.820 километри, додека должината на секоја од нејзините страни изнесува приближно 16.780 километри. Овие огромни димензии покажуваат дека новата формација на јужниот пол е повеќекратно поголема од шестоаголникот на северниот пол, кој е широк околу 32 илјади километри.
Постоењето на новата структура беше откриено при анализа на податоците снимени од вселенскиот телескоп „Хабл“ на НАСА. Поради наклонот на оската на Сатурн, јужната хемисфера на планетата во периодот од 2012 до 2023 година не можеше јасно да се набљудува од Земјата.
Откако аголот на набљудување повторно стана поволен, добиените снимки им открија на астрономите симетрична структура од облаци каква што претходно никогаш не била забележана. Експертите наведуваат дека уште од откривањето на шестоаголникот на северниот пол трагале по слична геометриска формација и на јужниот пол, но досега не пронашле никакви знаци за нејзино постоење. Поради тоа, новото откритие било големо изненадување и за самите научници.
Компјутерските симулации и експериментите со атмосферските струења укажуваат дека десетаголната структура најверојатно настанала како резултат на бранови заробени во атмосферска млазна струја што се движи во брановидна форма.
Додека шестоаголникот на северниот пол со децении ја задржува својата форма и боја, кај новооткриениот десетаголник се забележани промени во осветленоста и затемнетоста на неговите страни. Истражувачите нагласуваат дека ова може да биде показател дека структурата сè уште се наоѓа во динамичен процес на развој.
Астрономите планираат внимателно да го следат овој атмосферски феномен до 2032 година, кога сончевото зрачење во овој регион се очекува да го достигне својот максимум.
Во текот на овој период научниците ќе се обидат да утврдат дали огромниот десетаголник постепено ќе стане постабилен или, пак, ќе ја изгуби својата форма и ќе исчезне.
Се наведува дека новите откритија претставуваат значаен чекор не само кон подобро разбирање на Сатурн, туку и на планетарната метеорологија воопшто, како и на атмосферската динамика на гасните џинови.
