Божиновска во Солун, Македонија се приклучува кон Вертикалниот гасен коридор
Од Министерството оценуваат дека со овој чекор се отвора можност за поголема диверсификација на снабдувањето со гас, поголема конкуренција и поголема сигурност на енергетскиот систем.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска во Солун ќе учествува на два значајни енергетски форуми, а во рамки на посетата е предвидено и потпишување заедничка декларација за пристапување на Македонија кон рамката за соработка на Вертикалниот гасен коридор.
Божиновска ќе биде почесен гостин и главен говорник на Sixth Thessaloniki Metropolitan Summit, во организација на „The Economist“, под наслов „Axis 2030: Powering connectivity, unlocking growth for south-east Europe“.
Пред високи претставници од политичкиот, економскиот и бизнис-секторот од Грција, регионот и Европа, министерката ќе зборува за значењето на енергетската безбедност и диверсификацијата на снабдувањето, со посебен акцент на приклучувањето на Македонија кон Вертикалниот гасен коридор.
Божиновска ќе учествува и на јубилејниот 10. Southeast Europe Energy Forum – SEEF2026, каде ќе ги презентира стратешките приоритети на земјава во областа на енергетската безбедност, регионалната инфраструктура и создавањето конкурентен енергетски пазар.
Во фокус ќе бидат гасниот интерконектор со Грција и Вертикалниот гасен коридор, како и инвестициите во обновливи извори на енергија и модернизацијата на електроенергетската мрежа.
Потпишувањето на заедничката декларација за пристапување кон рамката за соработка на Вертикалниот гасен коридор е предвидено како круна на активностите во Солун. Од Министерството оценуваат дека со овој чекор се отвора можност за поголема диверсификација на снабдувањето со гас, поголема конкуренција и поголема сигурност на енергетскиот систем.
Активностите, како што наведуваат од Министерството, се резултат на интензивни дипломатски напори и преговори, вклучително и средби во Вашингтон и Атина.
Целта е изградба на сигурен и диверсифициран енергетски систем и поголема интеграција на земјава во европските енергетски текови.
