Забава

AERO Street Food Festival од денеска во Паркот „Авионче“

04.09.2026 08:29

Пет фестивалски вечери со музика во живо, диџеј-сетови, улична гастрономија и интерактивни содржини од денеска до 8 септември ќе понуди второто издание на AERO Street Food Festival во Паркот „Авионче“ во Општина Аеродром.

Под мотото „Поголем, позвучен и поразновиден“, фестивалот годинава носи настапи на пет бендови и десет диџеи.

На сцената ќе настапат South Park, Ringtones, Dopamine, Marbel и Acoustic Division, со домашни и светски музички хитови во сопствени аранжмани.

Музичката програма пред и по концертите ќе ја надополнат диџеите Милан Серафимов, Александар Јорданов, „Јанко петел јаваше“, DJ Marko, DJ Vaso, DJ Rizinski, диџеи од Fluere, DJ Guardian, DJ Ficho и Sure Shotz.

Завршната вечер, на 8 септември, ќе биде посветена на музички трибјути за Владо Јаневски и групата ДНК. Acoustic Division ќе изведе трибјут-програма во чест на Владо Јаневски, додека Sure Shotz ќе приреди музичка селекција со хитови на ДНК.

Покрај музиката и гастрономската понуда, посетителите ќе можат да се вклучат и во натпревари во брзо јадење, квизови и други интерактивни предизвици под водство на Бомбакис. За најуспешните учесници се предвидени и награди.