Празните училници - нов простор за градинки
Почна новата воспитно згрижувачка година во детските градинки. Во Куманово интересот повторно голем. Листата за чекање за прием долга. Проблемот би требало да се надмине со изградба на нова градинка. Но, дотогаш општината размислува на празните училишни простории да им даде нова улога.

Учебна година почна. Летните одмори завршија. Вообичаено се зголеми интересот за згрижување во детските градинки. Родителите бараат сигурно место за своите деца, а установите се соочуваат со потребата да одговорат на зголемената побарувачка.
Новата воспитно згрижувачка година во Куманово почна за 1.727 деца. Но дневно во установата престојуваат околу 1.300 дечиња.
Листата за чекање за прием повторно останува долга, иако во градот функционираат осум детски објекти.
Од општината информираат надминат е проблемот со проектот за изградба на нова градинка. Се очекува следниот владин повик за апликација.
„Проблемот со проектот е разрешен, градежната дозвола е издадена. Чекаме повик од Владата. На претходниот повик, поради еден потпис на техничко решение од страна на службеник, проектот не беше навремено аплициран. Се работеше за проектот за противпожарна заштита, каде што цело време имаше усогласување меѓу Општината и две државни институции“, истакна градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Во меѓувреме, Општина Куманово разговара со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука, неискористените простории во основните училишта да ги адаптира за дневен престој на ученици. Дел од нив да се искористат и за зголемување на капацитетите за згрижување деца.
Елена Георгиевска
