Пожари

Пожарот кај Грачани сè уште активен, гаснењето продолжува од земја и од воздух

04.09.2026 13:14

Цела ноќ битка на земја - денеска и од воздух. Пожарот што од Косово навлезе кај Грачани сè уште не е изгаснат. Два „ер-трактори“ и хеликоптери на полицијата и армијата удираат врз жариштето. Населените места не се загрозени, но ветерот го донесе чадот до Скопје. Од 31 пожар за едно деноноќие, 27 се изгаснати, три ставени под контрола, а најтешката битка сè уште трае.

Цела ноќ пожарникари интервенирале за да се стави под контрола пожарот кој пред неколку дена од косовска страна навлезе на македонска кај село Грачани, општина Ѓорче Петров, соопшти директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

Гаснењето на пожарот продолжува со воздушна поддршка од два „ер трактори“ на ДЗС, еден полициски и еден армиски хеликоптер.

Пожарот не загрозува населени места. Горат грмушки, трева и ниски смреки кои создаваат силен пламен и чад. Се движи ниско по земја низ мешовитата шума.

Поради ветерот кој дувал во насока на Скопје, можеше да се почувствува чад во неколку скопски општини, вели Ангелов.

Од Центарот за управување со кризи соопштуваат дека од 31 пожар на отворен простор во последното деноноќие, три се ставени под контрола, а 27 пожари се изгаснати.

Александра Спировска