Доделени државните награди „8 Септември“

Ристовски: Големите спортски резултати стануваат дел од историјата на државата

04.09.2026 13:23

Годинава признанието за остварувања во спортот им припадна на Димче Ангелов, Ацо Крстов и Ангел Мицевски-Скакар од областа на борењето, како и на атлетичарот Дејан Ангелов. Наградата за животно дело, која е од траен карактер, му беше доделена на Трајчо Димков за повеќе од четири децении посветеност на македонското борење како спортист, тренер, селектор и спортски работник.

По повод Денот на независноста – 8 Септември, денеска во Собранието беа доделени државните награди „8 Септември“ за високи остварувања во областа на спортот.

Годинава признанието за остварувања во спортот им припадна на Димче Ангелов, Ацо Крстов и Ангел Мицевски-Скакар од областа на борењето, како и на атлетичарот Дејан Ангелов. Наградата за животно дело, која е од траен карактер, му беше доделена на Трајчо Димков за повеќе од четири децении посветеност на македонското борење како спортист, тренер, селектор и спортски работник.

Министерот за спорт Борко Ристовски на свеченоста истакна дека наградата „8 Септември“ има посебна симболика, бидејќи државата им оддава признание на луѓето чии спортски достигнувања станале дел од нејзината историја.

„Постојат спортски резултати што остануваат запишани во статистиката, но постојат и луѓе чии резултати, карактер и дело стануваат дел од колективната меморија на една држава“, рече Ристовски.

Тој нагласи дека спортот има моќ да обедини цел народ и дека успехот на македонските спортисти на меѓународната сцена не е само личен успех, туку и успех на државата.

Посебно значење годинава има наградата за животно дело за Трајчо Димков. Во неговата кариера се издвојува 1995 година, кога со БК „Бучим“ од Радовиш стана европски клубски првак. Како селектор, ја предводеше македонската репрезентација на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, а неговите борачи освоиле медали на европски првенства, Медитерански игри и други големи меѓународни натпревари.

Државната награда „8 Септември“ е востановена во 2012 година, а годинава се доделува по четиринаесетти пат. За наградите за 2026 година биле поднесени девет кандидатури за државната награда и шест за наградата за животно дело.