По 23-ти пат доделени признанијата „Инженерски прстен“
Знаењето, стручноста и младите инженери се најголемиот потенцијал за иднината на државата. 14 најдобри и најуспешни дипломци се закитија со „Инженерски прстени“. На Плаошник, одекна порака државата мора да создава услови младите стручњаци да останат и да придонесуваат дома.

Со многу труд, посветеност и желба за знаење, Марта Митева за рекордни пет години го заврши Архитектонскиот факултет. Денеска, за своето достигнување го добива „Инженерскиот прстен“, нејзината желба е стекнатото знаење да го претвори во дела во својата родна земја. Да се надградува, да работи, да создава и да твори дома.
Таа е една од 14-те млади инженери, најуспешни дипломци, кои денеска го добија ова признание.
„Моите планови за иднината се да се надградувам на професионално ниво, особено да се фокусирам врз градењето на реална архитектура, а особено врз развивањето на моето техничко знаење. Па, моментално планот е да останам во Македонија“, изјави Марта Митева.
„Овој прстен нека ни биде потсетник на одговорноста да создаваме, да иновираме, да учиме и да го пренесуваме знаењето, со интегритет и професионалност“, рече Стефан Спасов добитник на Инженерски прстен.
Државата мора да создава услови младите да останат, да работат и да го применуваат своето знаење дома. Одливот на образованите и стручни кадри значи губење на потенцијалот што ѝ е неопходен на земјата, порача претседателката Давкова.
„Од нашата способност, подготвеност и решеност да ги препознаеме и идентификуваме, но и навреме да ги вреднуваме, овозможувајќи им својот професионален потенцијал да го реализираат тука, дома, зависат и се детерминирани нашата конкурентност и конкурентноста, но и економскиот капацитет и развој, односно економскиот прогрес на државата“, рече претседателката Гордана Силјановска Давкова.
„Искушението да ги однесете вашите огромни таленти во странство е реално, а глобалниот пазар агресивно бара умови како вашите. Но, јас денес стојам тука за да ви упатам еден клучен апел: останете во земјата. На Македонија сте ѝ потребни“, истакна проф. Д-р Андреј Лепавцов претседател на Инженерската институција на Македонија.
По 23-ти пат, на Плаошник, во амбиентот на Светиклиментовиот универзитет, најуспешните млади инженери добија вредни признанија.
Соња Рилковска
