Пожарот кај Грачани под контрола, активни уште неколку огнени точки
По целоноќна интервенција, пожарот кој навлезе од Косово на македонска територија е ставен под контрола. Продолжува гаснењето со два ер-трактори и два хеликоптери, додека активни се пожари и во Сарај и Струга.

Цела ноќ пожарникари интервенирале за да се стави под контрола пожарот кој пред неколку дена од косовска страна навлезе на македонска кај село Грачани, општина Ѓорче Петров, соопшти директорот на ДЗС, Ангелов.
Гаснењето на пожарот продолжува со воздушна поддршка од два ер-трактори на ДЗС, еден полициски и еден армиски хеликоптер. Пожарот не загрозува населени места. Горат грмушки трева и ниски смреки кои создаваат силен пламен и чад. Се движи ниско по земја низ мешовита шума. Поради ветерот кој дувал во насока на Скопје, можеше да се почувствува чад во неколку скопски општини, вели Ангелов.
Активни се уште неколку пожари. Од Центарот за управување со кризи, соопштуваат дека гори отпад во Општина Сарај, помеѓу селата Копаница и Бојане. Во Струга помеѓу селата Буринец, Локов и Селци гори нискостеблеста шума, како и во село Октиси, струшко каде гори стрниште и нискостеблеста шума.
Александра Спировска
