Мицкоски: БДП порасна 4,3% во второто тромесечје, Македонија продолжува да оди напред
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека растот на БДП од 4,3% во вториот квартал е потврда за високата економска активност и оти растот во првата половина од годината достигнал 3,7%.

Македонската економија во второто тромесечје од годинава оствари раст на БДП од 4,3 проценти, што според премиерот Христијан Мицкоски е еден од најсилните економски резултати во Европа.
„Во вториот квартал, во второто тромесечје имаме исклучително висока економска активност и зголемен БДП од 4,3 проценти“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека со растот од 3,1 проценти во првото тромесечје, растот на БДП во првото полугодие изнесува 3,7 проценти.
Според Мицкоски, во истиот период Словенија има раст од 4,8 проценти, но со значително пониска стапка на раст во второто тромесечје од 2025 година, додека пред Северна Македонија се Малта и Данска.
Премиерот истакна дека Владата продолжува да работи на решавање на, како што рече, наследените проблеми, без создавање нови.
„Не е лесно, не се сите проблеми решени, бидејќи многу проблеми се наследени. Она што е важно е дека работиме и дека се трудиме сето она што е наследено да го решаваме, а нови проблеми да не создаваме“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека во земјава има раст на индустриското производство и стабилизирање на инфлацијата. Посочи и дека БДП во 2024 година пораснал за 3 проценти, а во 2025 година за 3,5 проценти.
Мицкоски оцени дека континуираниот економски раст се остварува во услови кога Европската Унија, која е најголем трговски партнер на земјава, има пониска стапка на раст.
Премиерот во изјавата упати и политички пораки до опозицијата, оценувајќи дека економските резултати, како што рече, се „лоша вест“ за неа.
