Куманово

Лекови и хемикалии-стапица за децата

05.09.2026 15:00

Еден момент на невнимание, детето во болница. Лекови, доместос и други хемикалии, меѓу најчестите опасности кои демнат во домот. Во кумановската болница од почетокот на годината поради труење згрижени 16 деца. Само во август затруени шест дечиња под четиригодишна возраст. Лекарите со апел до родителите – вниманието и правилното чување на опасните материи може да спасат детски живот…

Дури 16 дечиња под четиригодишна возраст од почетокот на годината побарале помош во кумановската болница, поради труење. Од детското одделение информираат само во август се обратиле шест деца. Најчести труења појаснуваат се од лекови, антибиотици, седативи, лекови за срце или дијабет. Дечињата посегнуваат и по средства коишто се користат во домаќинствата, сјаеви, доместоси, но и пестициди, нафтени деривати, растенија.

„Имаме дете што голтнало, испие, имаме симптоми дете да се намачка со тоа средство, но и да вдиши од токсичното средство. Симптомите во зависност на кој начин е внесено, или имаме контакт со тоа средство, имаме и симптоми, гадење, повраќање, понекогаш зависи од лекот, вртоглавица, поспаност, потешките труења, досега не сме имале такви, имаме и со губиток на свест и може и да настане до смрт“, информира Маргица Арсовска, педијатар во Детски оддел Општа болница Куманово.

Лекарите предупредуваат опасноста најчесто се крие во домот. Само еден момент на невнимание е доволен, детето да посегне по нешто. Клучно е велат родителите да знаат за какво средство станува збор, но и за дозата. Во првите два часа да побараат медицинска помош.

„Да не се провоцираат да повраќаат, хемикалии, детергенти, во случај да испие таблета, лек да се даде карбомедициналис, ако имаат во домашна аптека, медицински јаглен и да се донесе детето на лекар. Полесни случаи тука, потешки случаи, поголеми дози и со некои детергенти знаат да направат и ерозии доаѓаа до желудникот, таквите деца се транспортираат на ОРЛ клиниката се прави горнаендоскопија потоа на детска клиника и се следат. Имаме и компликации сме имале такви дечиња, кои бараат посериозно лекување, понекогаш тоа и оперативно се решава, зависи од дозата и колку е направена штета“, дополни Арсовска.

Советот на здравствените работици до родителите е помалку лекови во домашната аптека. Задолжителен медицински јаглен, бидејќи го намалува токсичното дејство.

Препораката е средствата и лековите да се чуваат вон дофат на децата, заклучени или на повисоко место. Особено се предупредува хемикалиите да не се претураат во шишиња од сокови или други амбалажи, бидејќи детето може да помисли дека станува збор за пијалак.

Лекарите потсетуваат – секој лек и хемикалија може да биде токсична во одредена количина.

Елена Георгиевска