Нагорна линија во борбата против семејното насилство
Државата со нов Закон ќе ги штити жените жртви на семејно насилство, а построго ќе ги казнува сторителите. Во Македонија ги има стотици, но ситуацијата е пострашна во земјите од Европската унија. Дел од невладините организации ги поздравија новите мерки и порачаа поголема соработка меѓу институциите за да се искорени ова зло...

13 милиони жени годишно се жртви на семејно насилство. Последните податоци покажуваат дека во Македонија ги има стотици. Најчесто трпат психичка тортура од своите сопружници. Тие веќе не се плашат јавно да проговорат за овој проблем.
Институциите регистрирале раст на бројот на пријавени случаи.Новиот закон за превенција и заштита од семејно насилство треба да ги поттикне жртвите да побараат помош од институциите, а државата треба да им обезбеди правна заштита.
„Системот за заштита на жртвите на семејно насилство се подобри преку отварањето на советувалишта на деца и родители жртви на семејно насилство, едно советувалиште за сторители на семејно насилство, како и воспоставување нов регионален Центар за згрижување на жртви на семејно насилство“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Неодамна Собранието донесе закон со кој жените ќе добијат заштита и помош, а сторителите построги казни.
„Република Македонија цело време има една нагорна линија во борбата против семејното насилство. Пред 10-тина години немавме ниту законска регулатива“, нагласи пратеничката Лилјана Поповска.
Сликата не е поинаква и во земјите од Eвропската унија. Таму секоја трета жена станува жртва. Борбата против родовото насилство останува врвен приоритет на Обединетите нации.
„Седум отсто од ЕУ имаат искусено физичко насилство во изминатите два месеци. Тоа вклучува 62 милиони жени жртви во целиот живот“, вели Луиза Витон, постојана претставничка на ОН во Македонија.
Дел од невладините организации ги поздравија новите владини мерки. Ескпертите порачаа институциите да имаат поголема соработка за да се искорени ова зло. Новиот закон ќе стапи во сила од први јануари догодина и со тоа се очекува значително да се намали семејното насилство.
Викторија Тодоровска
