Образование

Во Струга затворени 4 подрачни училишта, 35 наставници останаа без договор

05.09.2026 14:14

Новата учебна година во Струга почна со помалку ученици, затворени училишта и нова рационализација на образовната мрежа. Четири подрачни училишта во Богојци, Поум, Нерези и Џепин престанаа да работат. Причина – премалку ученици, децата се префрлени во централните училишта, а раскинати им се договорите на 35 наставници.

Во Богојци, Поум, Џепин и Нерези годинава не заѕвони училишното ѕвонче. Четирите подрачни училишта, престанаа со работа, поради малиот број ученици. Во Нерези немало ниту едно дете, во Богојци и Поум по три, а во Џепин четири.

Децата се префрлени во најблиските централни училишта, со организиран превоз.

„Значи, ние во четири школи имавме девет до единаесет ученици, што значи 2,8% просечно за сите четири школи, во школа, значи 2,8, значи околу три ученици. И ние зедовме предвид дека мора тие деца да се социјализираат, мора тие деца да бидат поефикасни во учењето. И третата работа, сигурно, помала, овие три фактори, три елементи, значи и финансискиот дел“, изјави Менди Ќура, градоначалник на Струга.

Околу 35 наставници останаа без ангажман. Според градоначалникот, на дел од лицата ангажирани со договор на дело им е прекинат работниот однос, бидејќи, како што вели, биле „неадекватни“ за наставата.

„Сите тие што се со решение, ќе продолжуваат да работат, имаме и други што со договор продолжуваат, само тие што не беа адекватни. Јас тоа сум го рекол и го зборам и сега, дека неадекватните не може да ги држиме во наставата затоа што велам, повторувам, дека ние работиме за децата“, изјави Менди Ќура, градоначалник на Струга.

Училиштата во Струга имаат натрупани долгови, општината започна со нивно сервисирање. Градоначалникот најавува дека долговите кон превозниците ќе бидат целосно исплатени до крајот на годинава.

Соња Рилковска