Министерство за култура

Поддршка на домашното драмско творештво - Објавен конкурсот за откуп на драмски текстови

30.09.2014 14:55

Министерството за култура објави конкурс за откуп на драмски текстови кој ќе овозможи збогатување на продукцијата на драмски дела од македонски автори. Секој автор има право да конкурира со по еден оригинален драмски текст. Конкурсот е отворен до 31 јануари 2015-та година.

Конкурсот е особено важен за младите талентирани автори кои ќе имаат можност да се афирмираат преку откупените драмски текстови кои ќе ја доживеат својата премиера на сцените на македонските театри но и пошироко.

„Во последно време, навистина и не телку лесно се доаѓа до добар македонски драмски текст. Јас во девете поставени претстави во „Театар Комедија“ можам да се пофалам дека имам четири праизведби на домашни автори, дека повторно во 2015 од три проекти два се домашни автори“, рече Јелена Жугиќ, директор на „Театар Комедија“.

„Текст и да кажуваш зборови на домашен автор, тоа значи дека немаш проблеми со поттекстот бидејќи тој е веќе напишан, точно знаеш за што зборуваш, длабоко е врежан во двојата душа, во твоето тело, во ДНК-то на местото каде живеем“, рече Дејан Лилиќ, директор на МНТ.

Конкурсот е отворен до 31 јануари 2015-та, а секој автор има право да конкурира со по еден оригинален драмски текст пишуван на македонски јазик кој не е претходно јавно изведуван ниту публикуван.

„Пристигнатите апликации ќе ги оценува комисија од истакнати, стручни и компетентни лица, кои ќе направат избор на најмногу три драмски текстови од пријавените на конкурсот“, рече министерката за кулутура, Елизабет Камческа Милеска.

На отворен конкурс за поддршка на домашното творештво беше избран текстот за делото “Вечната куќа” на авторот Јордан Плевнеш со кое беше отворен новиот македонски народен театар.

Александра Перевска