туризам

Продолжена туристичка сезона во Охрид

06.09.2026 14:43

Летната туристичка сезона ги исполни очекувањата, а Охрид и по главниот туристички пик останува полн со гости. Организираните балкански тури го продолжуваат туристичкиот бран и во септември и октомври. Повторно се отвора и иницијативата за поместување на почетокот на учебната година…

Летната туристичка сезона ги исполни очекувањата. Иако е рано за конечна статистика, но првичните оценки на туристичкиот сектор се позитивни. Втората половина на јули и август го надоместија послабиот туристички промет во мај и јуни.

Охрид и во септември и октомври останува на туристичката мапа, пред сè со организираните групи кои се дел од балканските тури.

„Подоцна почна сезоната, многу хотели останаа празни во почетокот на сезоната, но како се поправи времето, како почна сезоната, е уште траен и, како што гледаме, ќе се истера и до крај на септември добра сезона. Претпоставуваме дека самата сезона оваа година почна подоцна и завршува подоцна, така што во бројки би требало да сме на исто ниво како во минатата година, можеби и нешто подобро“, изјави Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Охрид е една од главните станици на балканските тури. Најбројни се Турците, кои низ регионот се задржуваат по еден ден, додека во Македонија престојуваат три денови.

„Секоја држава во Балканот остануваат по една ноќ. Само во Македонија престојуваат две ноќи. Значи, или две вечери во Скопје, или две вечери во Охрид, и една вечер Скопје. Значи, три вечери се во Скопје, Македонија целосно. Значи, овде каде има прошетки, подобро, езерцата“, изјави – Менсур Јакупи, туристички водич.

Продолжувањето на сезоната повторно го отвора и прашањето за поместување на почетокот на учебната година. Од туристичкиот сектор сметаат дека поради топлото време наставата треба да завршува на крај од јуни, а стартот да се помести од средината на септември.

Соња Рилковска